За нас

Визија

Издавачката куќа Готен се залага за создавање на високоразвиен, интеркултурен, повеќенасочен свет во кој културите и литературите ќе комуницираат меѓу себе, ќе се надополнуваат, ќе си влијаат една на друга, ќе разменуваат и ќе споделуваат искуства, при што македонската култура и литература не ќе биде провинциски и изолиран, ами рамноправен и интегриран чинител.

Мисија

Готен е непрофитна издавачка куќа којашто работи на интеграција и соработка на македонската книжевност со светскиот книжевен систем, преку преводи од други литератури на македонски, и преку превод и промоција на македонските автори на други јазици, преку промоција на книжевните автори и создавање на книжевни вредности, со ориентација кон културна анимација во рамките на целокупниот книжевен и културен систем.

Стратешки цели

  • Непрофитност
  • Готен верува во мисијата на книжевноста како културна вредност и јавно добро, и како културен капитал само доколку тоа води кон добробитта на оние што ја создаваат и кон благосостојба на општеството и културата во целина.
  • Културна анимација
  • Затоа Готен е насочен кон промоција, а не кон продажба, кон културна анимација и развој на читатели, а не кон маркетинг. Затоа Готен настојува да го следи животот на книгата и по книжарниците, да развива клуб на читатели, да соработува со културни новинари, критичари и уредници, да учествува во организирање книжевни манифестации, настани, да учествува на фестивали и саеми. Затоа маркетинг планот на Готен е пред се план на промоција и културализација, на организирање книжевни вечери, промоции и дебати со авторите на книгите и другите книжевни дејци.
  • Развој на мрежа на преведувачи, уредници и критичари и придонес во нивниот професионален раст
  • Добрата интеркултурна комуникација не е можна без добар превод меѓу јазиците и културите во светот, без добар пренос на вредностите и без оптимализација на меѓусебните контакти. Затоа Готен е заинтересиран за развој и раст на професионалните кариери на своите соработници, учествува, ги подржува и создава услови за подобрување и усовршување на нивните познавања, вештини и компетенции.
  • Соработка и вмрежување
  • За да ги оствари своите стратешки цели Готен соработува со широка мрежа на издавачки куќи, домашни и странски, јавни и приватни фондови, институти и фондации, поединци и граѓански здруженија за меѓународна интеркултурна соработка, превод, промоција и развој на литературата.

 

ПРОГРАМСКИ ОСНОВИ

улогата на литературата

Литературата се смета за дел од светското културно наследство. Таа е трезор за различни социо-културни елементи (вредности, обичаи, традиции, уверувања, фолклор, знаење) коишто играат клучна улога во создавањето идентитет, заедници и нации. Како израз на националниот дух и култура, литературата обично има привилегирана улога во културниот систем на одделните земји. Но, исто така, како сложена интелектуална и уметничка форма, литературата честопати е поттикнувач на значајни промени во културата и општеството, доведувајќи до нови форми на израз, на менталитет, на сензибилност.

вредности, а не индустрија

Поради малото говорно подрачје издаваштвото нема никогаш да прерасне во вистинска културна индустрија кај нас. Затоа дејноста треба секогаш да се цени како произведувач на врвни културни добра, и токму поради тоа во дослух и во постојана врска со јавните фондови. Издавачките куќи кај нас се на нивото на микро и мали бизниси. Затоа делумната финансиска самостојност што ја добиваат преку продажба ги прави најдобри приватни одржливи партнери во сферата на културата. А тоа ги отвора вратите книжевноста, односно литературата да добие најдобри услови за творење, а со тоа и создавање на врвни уметнички дела.

литература во превод

Имајќи го предвид фактот дека англискиот јазик станува глобален lingua franca, ние силно го поддржуваме мултилингвализмот како главен услов за културна различност. Во ситуација кога многу влади и други општествени фактори придонесуваат за заштита на јазичниот диверзитет и интерјазична комуникација, поддржувајќи го преводот на нивните книжевности, обидувајќи се да се борат со големиот заостаток во однос на англо-саксонските литератури, ситуацијата во Македонија и другите малцински литератури на меѓународната сцена е уште потешка. Без значајна поддршка од државата и со само мал квантум на преведени дела, позицијата на македонската литература се соочува со опасност одкултурна изолација, провинцијалност и недостаток на книжевна размена. Затоа позицијата на Готен е двојна: да го поддржува преводот во две насоки. Да се бори со недостатоците на меѓународниот пазар и да ги зголеми шансите на литературите на малите јазици да бидат преведени и да комуницираат меѓу себе.

литература во преведувачи

Она што мора под итно да се направи е да се создаде и да се негува една мрежа на преведувачи од македонски на другите јазици. За жал состојбите со македонистиката не можат многу да помогнат во оваа благородна задача. Актуелната мрежа на катедри или лекторати за македонски јазик по светот е мала, недоволно развиена, без човечки, инфраструктурни и финансиски ресурси. Затоа Готен, во рамките на своите можности дејствува да ја подобри ситуацијата. Да создаде мрежа на добри и препорачани преведувачи, да им организира резиденцијални престои во Македонија, да ги подржува нивните стручни усовршувања по техники и културологија на превод, и да ги собира во земјата на семинари за најновите достигнувања во јазикот.

децентрализацијата и развој на читатели

Во соработка со еснафските здруженија, невладините организации, библиотеките, фондациите и фондовите, Готен поддржува иновативна програма за развој на публиката, враќање на читателите во библиотеките, нивно заживување, како и заживување на читателството и формите на книжевна анимација во малите места

 

Етички кодекс