Новости

Видео запис за збирката раскази „Љубовта на триесет и пет годишната жена“ од Терзијски

Збирката раскази „Љубовта на триесет и пет годишната жена“ од бугарскиот писател Калин Терзијски излезе од печат на македoнски јазик. Преводот од бугарски на македонски го направи Душко Крстевски, а издавач е „Готен“ од Скопје.

Книгата содржи 11 раскази во кои Калин Терзијски истражува различни, понекогаш гранични, манифестации на љубовта во современиот живот.

– Авторот умешно понира во длабочините на емотивниот живот, таму пронаоѓајќи ги очајот, личната празнина, незадоволствата, но и надежите на неговите најчесто маргинални ликови.

Терзијски е писател кој сака своите ликови да ги доведува до екстремни емотивни ситуации, верувајќи дека тие крајни, гранични ситуации, најсуштински кажуваат кој е всушност човекот. Затоа низ „Љубовта на триесет и пет годишната жена“ дефилираат обични жени и мажи, осаменици и чудаци, луѓе кон кои животот понекогаш бил и премногу суров. Но, и покрај тоа тие го живеат својот живот со хумор и утопистичка надеж, многу често зачувувајќи го своето достоинство, нешто што можеби е единствената победа што ќе ја остварат во животот – велат издавачите.

Калин Терзијски (1970) е современ бугарски писател. По професија е лекар, психијатар, но на почетокот на 2000 година се откажува од медицинската кариера за да пишува. Во 2011 година за збирката раскази „Има ли некој да ве сака“ ја добива наградата за литература на Европската Унија. Покрај оваа збирка раскази и „Љубовта на триесет и пет годишната жена“ ги има објавено и книгите „Алкохол“ (2010) и „Лудило“ (2011).

Видеото за збирката раскази „Љубовта на триесет и пет годишната жена“ од Калин Терзијски е дел од проектот „Хетеротипии на љубовта“, поддржан од програмата Креативна Европа на Европската Унија. 
#CreativeEurope4Books



Остави Коментар