Настани

Ротару, Кисјов, Аполони, Дрндиќ, Поланц, Чатер и Панчиќ на Апсолутно Модерен 2014

kolaz1web1

Седум автори ќе престојуваат во Скопје во рамките на книжевната резиденцијална програма за автори и преведувачи од Југоисточна Европа

Mеѓународното жири ги избра седумте автори кои што годинава ќе престојуваат во Скопје, во рамките на резиденцијалната програма за книжевници „Скопје 2014“ под мотото „Апсолутно модерен“, во организација на издавачката куќа Готен, а под покровителство на мрежата Традуки. Тоа се Андра Ротару од Романија, Аг Аполони од Косово, Роман Кисјов од Бугарија, Теофил Панчиќ од Србија, Даша Дрндиќ од Хрватска, Душан Чатер и Соња Поланц од Словенија. Секој од авторите ќе престојува во Скопје по еден месец и тоа во пролетниот период од април до јуни и наесен од септември до декември 2014. На отворениот повик се јавија педесет и седум автори од регионот, што е доказ за одличното реноме на проектот, кој започна есента минатата година. Големиот број пријавени е доказ дека Македонија е интересна земја за авторите од регионот и ја потврдува потребата од постоење на ваква резиденцијална програма. Од биографиите и писмата на интерес може да се заклучи дека меѓу авторите доминираат оние кои веќе имаат добра соработка со македонските издавачи и автори, потоа книжевници кои по разни поводи престојувале кратко во Македонија и тоа им останало во добро сеќавање, но и автори кои сакаа да ја искористат можноста првпат да ја посетат земјата и да ја запознаат овдешната книжевна сцена.

Програмата има за цел да им овозможи на авторите од регионот подобро да се запознаат со книжевната, интелектуалната и културната сцена во Скопје и во Македонија и да остварат продлабочени и трајни контакти, кои во перспектива ќе ги направат пријатели и амбасадори на македонската книжевност и култура во регионот и во светот. Авторите во Скопје ќе работат на своите дела или преводи, ќе посетуваат културни настани, организации и институции, а преку јавни настани ќе и бидат претставени во Скопје и во други градови од земјата.

На повикот повторно се пријавија и автори кои не спаѓаат во деветте земји од регионот. Организаторот Готен е во преговори со Уметничкиот Совет на Малта да го донесе во Скопје и Имануел Мифсуд, еден од најдобрите автори на Малта, и добитник на реномираната Награда за литература на Европската Унија.



Остави Коментар