Новости

Рецензија за книгата „Една жена“ од Петер Естерхази

Раскошна сака/мрази јазично-еротска гозба во нејзина чест
(Рецензија на Марија Саревска за книгата „Една жена“ од Петер Естерхази во издание на „Готен“; превод од унгарски јазик: Златко Панзов)

Само умешните можат да пишуваат за неа, а тоа да не звучи блуткаво, евтино или наивно. А оние јазично вештите, книжевно искусните, со наталожен интелектуален багаж го прават тоа како што го прави унгарскиот писател Петер Естерхази.

Во 97 кратки поглавја од романот „Една жена“ тој создава неисцрпна химна за жената: онаа убавата, грдата, промискуитетната, заводливата, моќната, самостојната, ненаситната, непривлечната, неодоливата, секогаш податливата. Некогаш сака, некогаш мрази, ама секогаш е подготвена за нешто повеќе.

Романот е раскажан од гледната точка на машки наратор кој се смета себеси за голем и успешен љубовник, женкар, маж кој може да е или да не е вљубен во сите жени во светот. Некои пократки, некои подолги, поглавјата секогаш започнуваат со „има една жена, ме сака, или има една жена, ме мрази“, или варијации на чувството во јазични егзибиции на формата, интелигентно, често хумористично, бурлескно и дури раблеовски. Авторот медитира на темата на љубовта, која е неразделна од сексуалноста како начин на себеизразување и изразување преку и во другиот, на сите форми на машко женскиот сака-мрази однос, на сите лица и облици на љубовта во која човек се нурнува опсесивно, мазохистички ненаситно.

Со пребирливото задоволство на роден набљудувач, нараторот на Естерхази опишува дијапазон на жени (плус неколку мажи кои се преправаат дека се жени), често духовито, нежно, а двосмислено, понекогаш иронично, ама секогаш искрено, соголено. Зборува за таа една жена, за сите жени во/со кои често на неподносливо издржлив, а истовремено никако поинаку замислив начин мора да се постои.

Романот „Една жена“ е каталог на љубови, љубовни врски во кој до израз доаѓа и талентот на писателот да создаде полнокрвни ликови – досетливи, елегантни, курви, мајки, вулгарни, неговите жени ги обединува нивната многу човечка контрадикторност. И, секако, сите и тоа многу сакаат секс. Критичарите ќе кажат дека таа физичка ненаситност, Естерхази постепено ја поврзува со политичкиот пресврт во Унгарија, како потреба на земјата за нови истории и идиоми. Телото ја добива својата повеќезначна форма, физичко, од крв и месо, емотивно, сензибилно, похотно, јазично, текстуално, политичко, ама секој пат податливо и посакувано да се експлоатира, изложи, поседува, саможртвува.

И покрај одредени структурни ограничувања, романот е наизменично презрив и филозофски, а неговата нервозно-енергична нарација го задржува вниманието на читателот до самиот крај.

Целата рецензија прочитајте ја следниов линк елементи.мк

Оваа слика има празен alt атрибут; Името на датотеката е Logo-EU-1.png


Остави Коментар