Почитувани,
Ни претставува чест да ве поканиме на Промоција на романот Завивањето на волкот од еден од најдобрите косовски прозаисти, Аг Аполони.
Промоцијата ќе се одржи во Културно-информативниот центар Скопје, во салонот, 19.19. во понеделник, 15 февруари, во 19ч. Настанот се одвива под покровителство на Амбасадата на Република Косово во Скопје и е дел од програмата на чествување на независноста на РК. Романот Завивањето на волкот е објавен со подршка на Министерството за култура на РМ во превод на Мирјана Илиева Јашари, во рамките на едицијата за современа проза Контемпоранеа на издавачката куќа Готен.
Аг Аполони (1982) е професор по книжевност на Приштинскиот Универзитет и главен уредник на културната ревија „Симбол“. Награди за книга на годината добил за поетската збирка Зомби (2009), за научната студија „Парадигмата на Протеј“ (2012) и за романот „Завивањето на волкот“ (2013).
Завивањето на волкот
Романот “Завивањето на волкот” на Аг Аполони обработува тема за исчезнатите, за социјалната и политичка мизерија, образовното воспитување, религиозните дефекти, историските мистификации, псевдо дисидентите како и за љубовта и други бесмислици. Но, исто така и за болните разделби на живите со мртвите. Автобиографскиот роман е исполнет со очај и гнев, проследен и со доза на хумор, со многу референци од музиката, сликарството, филмот и театарот. Настаните се одвиваат во Косово, Македонија, Албанија, Црна Гора, Италија и Виена, каде е и завршен романот.
Романот е спој од расказ, дијалог и есеј, со маратонска прошетка низ различни области на уметноста и на животот. Затоа, минувањето на поединецот низ разни перипетии се демонстрира преку извадоци земени од песни или филмски секвенци дури и преку контекстуализација на мотивите од различни сликари, со што се создава потребната аналогија.
Напишана како книга со научни карактеристики, со фусноти, библиографија, филмографија, дискографија, содржина и индекс, таа има комбиниран дискурс бидејќи реалниот тривијалитет не може да се раскаже поинаку освен со банален јазик, додека иронијата и сарказмот често пати доаѓаат преку еден навредлив и метафорички јазик.
Раскажувачот се сеќава на детството во провинција, тој е дете кое не е доволно згрижено од семејството и заради небрежност често паѓа додека чекори, но и дете кое знае да констатира “колку е тешко да бидеш нормален”. Зборува за просечните наставници, случките во класот, љубовта кон сликарството, се сеќава на таткото којшто заминува на печалба и се враќа многу години подоцна, потоа за вујкото и неговата екстраваганција како танчар и пејач, виртуелното познавање на Мајкл Џексон за кого писателот пишува со љубов.
“Завивањето на волкот” има тринаесет поглавја, што зборува за неговата симболика, симболика која го поврзува уште повеќе со широката мрежа на взаемната комуникација меѓу уметноста и другите области од науката. Романот претставува револт насочен кон општеството, кон семејството и кон самиот себе; тоа е револт кон сè што е албанско: кон историјата, политиката, литературата, кон институциите, а на крај и кон албанскиот менталитет.
Книгата зборува за сегашноста, историјата и религијата како и за политичкиот, урбаниот и академскиот живот. Таа е приказна за животот и смртта, за семејството и другарството, за болката и љубовта како и за очајот и гневот. Таа е повик за катарза на нашите души. “Завивањето на волкот” е роман за волкот против кучињата и револт кон ситуацијата во која живееме и која најдобро е опишана преку метафората што авторот ја користи во следниов пасус:
“Ова е место за кучиња. Овде живееме како кучиња, се лижеме како кучиња, касаме како кучиња, правиме кученца и на крај пцовисуваме како кучиња. Но, сè додека ми пречи миризбата на измет што ме опкружува, чувствувам дека не припаќам на ова племе. Ако бев куче, ќе бев спокоен но, јас сум волк, затоа завивам против кучињата. Пред да заминеш, ти сфати дека ова завивање е лелек и плач! Ниеден друг глас над земјава не е толку застрашувачки и тажен. Застрашувачки, зашто страдам. Страдам, зашто ме боли. Да, јас сум разочаран од општеството и гневен сум на општеството. Затоа, подобро да умрам како волк отколку да живеам како куче. И знам дека ни смртта нема да ме обедини со нив, бидејќи не е исто да кажеш “умре како куче” и “умре како волк”. Сега, љубена моја, сфати ли што е волкот? Да, волкот е еден очајник што слуша блуз.”