Новости

Промоција на романот „Бежанци“ од Весела Љахова

Промоцијата на романот „Бежанци“ и разговорот со авторката Весела Љахова се одржаа на 26 август, со почеток во 20.30, во просториите на „Кино Култура“. Разговорот го водеше Владимир Јанковски.
Објавувањето и промоцијата на книгата се поддржани од програмата Креативна Европа на Европската Унија, а објавувањето на романот е поддржан од Националниот центар за книга на Р. Бугарија.

Бежанци на Весела Љахова (1961) е историски роман кој врз фонот на мошне специфичните и многу често на контроверзен начин толкувани историски настани прикажува многубројни човекови судбини. Книгата претставува глас на автентично сочувство кон обичниот човек, кон неговите страдања и неговата способност во големите историски премрежиња да го зачува своето достоинство. Бежанци е сага за едно време исполнето со драматични историски настани, но и сага за човековата волја да постави јасна граница меѓу доброто и злото, за човековата моќ да донесува одлуки што нема да го нарушат индивидуалното чувство за праведност.
Преводот од бугарски јазик е на Роберт Алаѓозовски.

Романот е добитник на националната награда за литература „Христо Г. Данов“ за 2014 година.

 

 



Остави Коментар