Настани

Промоција на Опсада на црквата Свети Спас

robertpokanapetr1

Опсада на црквата Св. Спас е ремек-дело на српската книжевност. Во него, користејќи ги најдобрите манири на постмодерната нарација, Горан Петровиќ опфаќа неколку векови на историја и култура, од раниот среден до крајот на дваесеттиот век, при што вешто испреплетува моќни архетипски слики и метафизички слоеви, но и многу енциклопедиски референци, во духот на борхесовски библиофил. Со тоа создава повеќеслоен роман, околу чиишто значења сѐ уште се пишуваат научни студии, но и се кршат копјата во книжевната критика.

Најдоминантниот слој во романот е силно инспириран од византиската духовност и српската црковна традиција и тоа се гледа во самата градба на романот, во која крстовидно се испреплетуваат хоризонталното, историско време полно со војни, опсади, измами, нискости и вертикалното време, во кое луѓето стремат кон боженственото, кон повторно воспоставување на единството со живиот бог кој, по годините нечестиво трошење, метонимиски се редуцирал на едно ангелско перо, чувано како црковна реликвија. Во духот на таа православна христологија, романот е организиран во девет книги, според небеската ангелска ерархија и на поглавја од четириесет дена, од Велигден до Спасовден, во кои и трае опсадата на црквата Свети Спас од бугарско-татарската војска, главниот наративен тек во дејството.

Но Петровиќ не останува само на тоа. Неговата амбиција е поголема. Тој успева да создаде современ книжевен израз, кој забележително се менува согласно различните временско-културни планови, и врз православната мистика калеми елементи на фолклорно-пагански традиции, споеви на бајковиден со современ фантастичен дискурс, во кои во градењето на наративниот тек и фикциската стварност учествуваат рамноправно сите дејствија, и оние кои се случуваат сега, и оние in illo tempore, и оние што се случуваат на јаве и оние на сон. Неговата авторска дистанца кон својот книжевен свет, јасно се гради преку употреба на една суптилна иронија која на моменти преоѓа во бројгелова гротеска.

Посебна доблест во книгата е нејзиниот јазичен слој, создаден како поетски контрапункт на прозното писмо, искован од синтагми кои следат еден музички ритам, со изобилство на заборавена архаична лексика, со прозодиско натрупување на детални описи и мунициозни претстави, сложени симболи и архетипски слики. Тоа го прави романот јазична полифонија, тешко преводлива на друг јазик. Сепак, романот е веќе преведен на шпански, француски, руски, а сега, во одличниот превод на Милан Банов, и на македонски…



Остави Коментар