Настани

Промотивна дискусија

buinjac210x1376a

Почитувани, Здружението на граѓани Есперанца и Издавачката куќа Готен Ве поканувaат на Промотивна дискусија по повод објавувањето на книгата „Креативните индустрии помеѓу митот и реалноста“ од Давор Буињац. Воведен збор на дискусијата ќе има Роберт Алаѓозовски, а учесници ќе бидат, самиот автори, Давор Буињац, Билјана Тануровска – Ќулавковски и Нада Пешева. Настанот ќе се одржи во промотивната сала на Скопски саем, среда, 9 април, 14 часот.

Оваа книга е сублимен приказ на улогата и значењето на креативните индустрии во добата на т.н. „нова економија“. Книгата е поделена на два дела: теориски и практичен. Во првиот дел се обработуваат најбитните дилеми врзани за различните дефиниции и концепциски пристапи. Авторот, притоа е критичен кон концептот на „културни и креативни индустрии“ кој во последните неколку години превладеа во Европската унија, кој, според мислењето на авторот, сите културни дејности насилно ги реинтерпретира како првенствено економски дејности. Тој пристап, кој најтврдокорно се применува во Велика Британија, не одговара на самата уметничка суштина на културата.

Во вториот дел на книгата авторот дава примери од практики коишто ги спроведуваат различни европски градови со цел да се развие креативниот сектор. Притоа тој сака да одговори на прашањето: Што им преостанува на земјите од просторот на бивша Југославија кои имаат неповолни економски услови, како тие да го развијат својот креативен сектор во услови на глобална конкуренција? Според авторот кој важи за меѓународен консултант, креативните индустрии можат да се развијат единствено со активен пристап од страна на јавните политики, на ниво на држава и на град, затоа што приватниот сектор е недоволно развиен и не може сам да ја преземе улогата на поттикнувач на развојот.

Во третиот дел од книгата, авторот опишува можен модел за развој на креативните индустрии, а тоа е под закрила на градот да се собере јадро на креативни луѓе кои создават и осмислуваат производи од областа на креативната индустрија. Во таа смисла, Давор Буињац, оди чекор понатаму од останатите автори и смета дека во услови на длабока светска рецесија, и долгорочни тешки услови на стопанисување, заедницата мора да создаде услови најталентираните поединци да направат производи со кои ќе успеат во перспектива да направат пробив на светскиот пазар.

Давор Буињац е роден 1963 година во Сисак. По завршувањето на гимназијата во родниот град оди во Љубљана, каде што дипломира политикологија, од областа на меѓународните односи. Во 1995 година се вработува во градската управа на Љубљана, во Одделот за култура. Во 2010 година основа консултантска фирма – Агенција за креативни индустрии.

Објавувањето на книгата и промотивната дискусија се одвива под покровителство на Град Скопје, во склоп на повеќегодишниот интерес на градот за темата на креативни индустрии.



Остави Коментар