Еден од најинтересните аспекти на Академијата дефинитивно е отворањето различни теми и пристапи кон прашањето на литературниот менаџмент, со постојаното инсистирање на тоа дека преводите се суштинскиот мост при зголемувањето на видливоста на делата од „малите“ јазици.
Почетокот на четвртиот ден беше посветен на културните политики на јавните институции и фондации кои се занимаваат со обезбедување системска поддршка за превод, објавување и циркулација на книжевните дела.
Јана Генова од „Некс пејџ“ во своето воведно излагање ја потцрта улогата на министерствата за култура и националните агенции за книга кои се главни актери при креирањето квалитетни јавни културни политики. Во оваа сесија онлајн се појавија Рената Замида од Словенија, поранешна директорка на Јавната агенција за книга, како и Андреј Ловшин, претставник на фондацијата Традуки.
Рената Замида направи преглед на моделите на јавна поддршка за преведувањето дела од националните книжевности на странски јазици, при што истакна дека финансиите не се толку важни, колку што е важен квалитетот на поддршката што ги опфаќа другите чинители во процесот на објавување и промоција на одредено дело или автор.
Андреј Ловшин направи преглед на улогата што Традуки ја имаше во последниве десетина години во поддршката на авторите од Југоисточна Европа, која не се однесуваше само на поддршка за објавување на преводи, туку опфаќаше и книжевни резиденции, организирани присуства на саеми на книги, поддршка за книжевните фестивали во регионот.
Покрај Замида и Ловшин, на сесија зборуваше и Фари Лачка од Националниот центар за книга во Тирана. Тој ги истакна предизвиците со кои се соочува оваа национална институција, а се однесуваат на недоволното присуство на квалитетни преведувачи кои би преведувале од албански на некој од европските јазици, како и на недоволниот интерес на издавачите од странство за албанската книжевност. Исто така, Лачка истакна дека Центарот креира нова стратегија преку која ќе се работи во иднина да се намалат овие детектирани слабости.
Литературни агенции и презентирање на авторите – трет ден академија за литературен менаџмент
На вториот дел од сесијата писателката Ивана Бодрожиќ зборуваше од перспектива на авторка. Таа истакна дека речиси е невозможно авторот да ги помине границите на сопствената национална книжевност доколку нема сериозна институционална поддршка, која мора да биде надополнета со квалитетни преведувачи и добри книжевни агенти.
#BalkanTranslationsCollider #BalkanTranslationsColliderAcademy
#CreativeEurope4Books