Новости

Поетска вечер со словенечката писателка Станка Храстељ во рамките на книжевната резиденцијална програма за автори и преведувачи од Југоисточна Европа

Почитувани,

Задоволство ни е да ве поканиме на поетска вечер со словенечката писателка Станка Храстељ (1975г.), прва од новите шест автори за 2016 година во рамките на книжевната резиденцијална програма за автори и преведувачи од Југоисточна Европа. Поетската вечер ќе се одржи во сабота, 23 април, во 20 часот, во кафе книжарница Магор. Воведна реч за поетесата ќе одржи д-р Владимир Мартиновски, а стиховите на македонски ќе ги кажува препејувачот на Храстељ, Дарко Спасов. Музичка поддршка на настанот ќе даде групата Тркалезна маса, адхок бенд на неколку познати музичари.

Тоа ќе биде шанса за македонската јавност подобро да се запознае со една од најдобрите авторки од средната генерација, чија збирка поезија Господине, имаме нешто за вас! беше издадена од македонскиот издавач Кликер книги во 2012 година. Нејзиниот роман Како на филм го преведува Дарко Спасов.

Станка Храстељ има нанижано неколку значајни словенечки награди. Во 2001 година беше прогласена за најдобар млад поет на Фестивалот Уршка. Во 2007 година ја доби наградата за најдобра дебитантска книга. Во 2009 година влезе во финалето за Книга на годината на Друштвото на писатели на Словенија, а нејзиниот дебитански роман, Како на филм ја освои наградата Роман на годината.

Освен со пишување, превод и критика, Станка Храстељ се занимава и со современ дизајн на керамика.

Во Скопје Храстељ ќе работи на својот нов роман, Првата дама, историска фикција инспирирана од библиската приказна за Кралот Давид и неговата супруга Бетшеба. Од првите назнаки на авторката, тоа ќе биде женско писмо концентрирано на чувството на вина на кралицата поради нејзиниот мртов сопруг.

Книжевниот интерес на Храстељ се недоволно истражените аспекти на човечката психа и општествените табуа: болестите, самоубиствата, абортусот, старечката деменција. Таа смета дека книжевното отворање на овие теми ќе придонесе за подобро разбирање и прифаќање од општеството.

Стилот на пишувањње на Храстељ е необичен и модерен. Таа пишува кратки, фрагментарни поглавја, инспирирана од денешната модерна комуникациска технологија (смс пораки, фејсбук постови, твит пораки).

Резиденцијалната програма за книжевници е под мотото „Апсолутно модерен“, во организација на издавачката куќа Готен, а под покровителство на мрежата Традуки и градот Скопје.

Покана



Остави Коментар