Издавачката куќа Готен го објави романот „Амок; луксембуршка љубовна приказна“ од писателот од Луксембург Тулио Форџарини. Преводот од италијански јазик е на Анета Симовска.
„Амок; луксембуршка љубовна приказна“ е роман на луксембуршкиот писател Тулио Форџарини за кој во 2013 година ја добива наградата за литература на Европската Унија.
Романот низ призмата на петнаесетгодишниот протагонист кој живее на општествените маргини проговорува за проблемите на социјалната изолација, запоставеноста, недостигот на перспектива, нарушувањето во однесувањето и бесмисленото насилство.
Книгата е напишана на толку интензивен начин што го вовлекува читателот во фиктивниот свет на главните ликови кои, пак, се обидуваат да побегнат од стварноста.
Станува збор за сурова и страсна книга, на моменти шокантна и брутална, исполнета со сцени на секс и насилство, преку која Форџарини кажува многу важни нешта за современото општество и за некои од најважните тинејџерски проблеми на денешното време, од однесувањето на училиште преку користењето опијати до адолесценскиот секс.
Тулио Форџарини е роден 1966 година во Нојдорф, Луксембург. Татко му е Италијанец, а мајка му од Луксембург. Студирал историја во Луксембург и Стразбур. Работел како професор по историја, латински и географија. Активно е вклучен во проекти кои се занимаваат со деца што потекнуваат од тешко општествено опкружување. Форџарини пишува раскази инспирирани од ноар филмот и криминалистичкиот жанр.
Анета Симовска e професор по италијански јазик и книжевност и преведувач од италијански на македонски јазик.
Објавила многубројни преводи на дела од италијанската книжевност, меѓу кои се и: „Животно во срцето“ од Кристина Коменчини, „Украдена љубов“ од Дача Мараини, „Еден живот“ од Итало Звево, „Време за убивање“ од Енио Флајано, „Презир“од Алберто Моравија, „Манастирот на сто гревови“ од Марчело Симони, „Осум планини“ од Паоло Коњети, „Во време на епидемија“ од Паоло Џордано.
Издавањето на книгата е поддржано од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.