Издавачката куќа Готен го објави романот „Пчели“ од современиот естонски писател Мелис Фридентал.
Мелис Фридентал (1973) е естонски писател, кој својата репутација ја стекнува како автор на спекулативна фикција.
Во овој необично напнат роман, Фридентал ги опишува авантурите на Лаурентиус Хилас, студент кој кон крајот на XVII век пристигнува на факултетот во Тарту, Ливонија, за да го продолжи своето универзитетско образование.
Во тоа време Тарту има репутација на град на музите, но Лаурентиус се соочува со огромна беда, очај и луѓе што гладуваат. Ова ја зголемува неговата меланхолија и тој почнува да се сомнева дека повторно ги гледа духовите што го прогонуваат од неговото детство. Лаурентиус постепено паѓа во еден вид болест која личи на сон, при што не може да направи разлика меѓу она што е реално и нереално.
Романот нуди одлична слика на интелектуалниот пејзаж на овој дел од Европа од крајот на XVII век, во која новите научни сознанија живеат паралелно со застарените, но силно вкоренети верувања на претходните векови.
За овој роман, во 2013 година Фридентал ја добива Наградата на Европската Унија за литература. Преводот на книгата од англиски јазик е на Билјана Николовска-Прља.
Објавувањето на романот „Пчели“ се реализира во рамки на проектот „Балтикот вирално преку литературата на Балканот“, кој опфаќа превод на 10 книги од книжевности што припаѓаат на балтичкиот регион, еден од најмалку познатите региони од Европската Унија на Балканот.
Објавувањето на книгата е поддржано од програмата Креативна Европа на Европската Унија.