Активностите на третиот ден од Академијата беа фокусирани на литературните агенции и презентирањето на авторите.
Иван Сршен од агенцијата „Сандорф“ од Хрватска ја водеше сесијата, која беше поделена на два дела. Во првиот дел, Андреј Хочевар од издавачката куќа „Гога“ од Словенија и Иван Сршен разговараа за своите искуства поврзани со претставувањето на авторите од просторите на поранешна Југославија. Во вториот дел, Катерина Фрагу, агентка од Грција, и Петер Болза, агент од Унгарија, зборуваа за главните предуслови за квалитетно претставување на авторите од „малите“ земји во меѓународниот книжевен контекст. Болза укажа на тоа дека кога станува збор за Унгарија најмногу се преведуваат дела од книжевностите на соседните земји, а Катерина Фрагу истакна дека градењето квалитетен однос меѓу авторот, агентот и издавачката куќа е многу важен дел од процесот на претставување на авторот и објавувањето на неговата книга. Во подоцнежната дискусија Андреј Хочевар зборуваше за книжевните фестивали и нивната улога при вмрежувањето на авторите и агенциите.
Академија за литературен менаџмент и промоција на преводите(13 -18 мај, Струга)
Практичниот дел од сесијата беше посветен на студија на случај на создавање портфолио на имагинарната авторка Рената Стамболи, чиј имагинарен роман „Ѕвездите на Дурмитор“ требаше да се понуди за објавување.
Учесниците на работилницата беа поделени во две групи, при што секоја група создаде различна стратегија за понудување на романот. Вежбата беше корисна зашто отвори различни дилеми поврзани со прашањето кои се најважните аспекти при претставувањето и понудувањето на едно дело, колку добрите книжевни дела знаат да бидат понудени/продадени од агенциите, каков е генерално интересот за авторите од овие простори и, конечно, кој е најдобриот начин за понудување добар книжевен производ и свртување на вниманието на голема издавачка куќа за дело од „помала“ книжевност.
– Сашо Огненовски
#BalkanTranslationsCollider #BalkanTranslationsColliderAcademy
#CreativeEurope4Books
📷 Sonja Stavrova