Новости

Книжевно матине

Почитувани, Издавачката куќа Готен Ве поканувa на Промоцијата на првата книжевна резиденција „Апсолутно модерен“, под покровителство на Традуки и книжевното матине со Андра Ротару, поетеса од Романија, која што е прва гостинка за 2014. Книжевното матине ќе се случи на Скопски саем, четврток, 10 април, 17 часот. Првата гостинка на резиденцијата, која веќе пристигна во Скопје е романската поетеса, Андра Ротару, ново име во романската поезија кое веќе гради успешна меѓународна кариера. Андра Ротару е родена е 1980 година. Живее во Букурешт. Работи како новинар во културата и уредник е во неколку книжевни списанија. Основала и менаџирала неколку еснафски здруженија: Агенција за книги, Здружение за книжеви авторски права, била директор на Федерацијата на издавачи и книжари. Организира поетски читања и иновативни поетски настани по уметничките галерии, клубовите и пабовите низ Романија. За својата дебитантска книга поезија „Во постела под белите чаршави“, 2005 година добила неколку еминентни книжевни награди, „Михаил Еминеску“, „Тудор Аргези“, наградите на писателите од Сибиу и Букурешт. Списанието „Магазин 22“ ја прогласува за еден од најдобрите современи романски поети. Третата книга поезија Лемур, од 2012 година била прогласена за најпродавана поетска книга на саемот во Букурешт и наградена за најдобра поетска книга. Нејзините песни се преведени на француски, шпански, англиски, арапски, германски, еврејски, чешки и тн. Учествувала на повеќе фестивали, книжевни резиденции и била официјален гостин на неколку значајни книжевни саеми.

Резиденцијалната програма за книжевници и преведувачи од Југоисточна Европа „Скопје 2014“ под мотото „Апсолутно модерен“, во организација на издавачката куќа Готен, а под покровителство на мрежата Традуки има за цел да им овозможи на авторите од регионот подобро да се запознаат со книжевната, интелектуалната и културната сцена во Скопје и во Македонија и да остварат продлабочени и трајни контакти, кои во перспектива ќе ги направат пријатели и амбасадори на македонската книжевност и култура во регионот и во светот. Авторите во Скопје ќе работат на своите дела или преводи, ќе посетуваат културни настани, организации и институции, а преку јавни настани ќе и бидат претставени во Скопје и во други градови од земјата. Седумте автори кои што годинава ќе престојуваат во Скопје, покрај Андра Ротару се Аг Аполони од Косово, Роман Кисјов од Бугарија, Теофил Панчиќ од Србија, Даша Дрндиќ од Хрватска, Душан Чатер и Соња Поланц од Словенија. Секој од авторите ќе престојува во Скопје по еден месец и тоа во пролетниот период од април до јуни и наесен од септември до декември 2014. На отворениот повик се јавија педесет и седум автори од регионот, што е доказ за одличното реноме на проектот, кој започна есента минатата година. Големиот број пријавени е доказ дека Македонија е интересна земја за авторите од регионот и ја потврдува потребата од постоење на ваква резиденцијална програма. Од биографиите и писмата на интерес може да се заклучи дека меѓу авторите доминираат оние кои веќе имаат добра соработка со македонските издавачи и автори, потоа книжевници кои по разни поводи престојувале кратко во Македонија и тоа им останало во добро сеќавање, но и автори кои сакаа да ја искористат можноста првпат да ја посетат земјата и да ја запознаат овдешната книжевна сцена.

 



Остави Коментар