Во рамките на резиденцијалната програма за книжевници под мотото „Апсолутно модерен“, во организација на издавачката куќа Готен, а под покровителство на Европската мрежа за книжевност и книги Традуки, во Скопје во текот на ноември престојуваше поетесата и преведувачка Лара Миховиловиќ, од Словенија.
Во чест на гостинката, на 11 ноември се одржа книжевна вечер во кафе книжарницата Магор. Лара Миховиловиќ како преведувач од македонски на словенечки јазик, посебно соработува со најмладата генерација македонски поети и книжевници. На книжевната вечер покрај Миховиловиќ настапија и Снежана Стојчевска, Митко Апостолов и Елена Митреска, со свои песни и препеви подготвени од Лара Миховиловиќ на словенечки. Освен за нејзиното творештво, со авторката разговаравме и за состојбите на книжевната сцена во Словенија, за импресиите од Македонија, како и за нејзините преведувачки планови и претставувањето на македонски автори во Словенија.
Лара Миховиловиќ е родена 1987 година во Љубљана. Студирала на Катедра за хрватски, српски и македонски јазик, на Филозофски факултет во Љубљана. Во 2009 г. била на шестмесечна студентска размена на Филолошки факултет „Блаже Конески“ во Скопје каде што го изучувала и усовршувала македонскиот јазик и се занимавала со македонската книжевност и култура. Во 2011 учествувала на меѓународната конференција Новиот имиџ на Балканот. Во 2013 учествувала на меѓународниот книжевен фестивал „Лирикон“ во Велење со избрани преводи на Катица Ќулавкова. Преведената поезија била објавена и во списаниетоБалкан Експрес од Загреб и во студентско списание Славко од Љубљана. Во 2014 преведе избрани песни на Снежана Стојчевска и Ана Голејшка со кои се запознала на поетски фестивал Младе Риме во Љубљана. Во 2014 почнува да работи како професорка по македонски јазик во школа за странски јазици, но освен тоа работи и во градинка каде што децата од Македонија ги подучува словенечки јазик. Преведува од хрватски, српски и македонски јазик на словенечки и од словенечки на хрватски јазик. Пишува поезија и кратки раскази.
ВПЕЧАТОЦИ ЗА КНИЖЕВНАТА РЕЗИДЕНЦИЈА ВО СКОПЈЕ
Во рамките на книжевната резиденција „Апсолутно модерен“, гостував еден месец во Скопје. Со секој престој во Македонија ми се откриваат нови лица, нови слоеви на Македонија, кои можам да ги откривам. Така беше и овојпат. На резиденцијата се пријавив како млада преведувачка, која моментално ја преведува втората поетска збирка, „Под нулата“, на младата македонска поетеса Снежана Стојчевска. Се пријавив за да се запознаам со многумина автори од новиот бран на македонската поезија, кои се многу активни, ефикасни и интересни. Мојата цел беше да се запознаам со новата поетска сцена во Македонија, да си ја исткаам мрежата на соработници, да си најдам нови другарства и да се претставам како млада преведувачка. Мислам дека сето тоа ми се оствари. Во текот на мојот престој се запознав со многумина млади поети, со бројни издавачи, новинари, преведувачи и книжевници. Но, освен тоа, имав и можност да се претставам и како преведувач и како автор, па така на 14. Астални проекции прочитав две мои песни, кои се поврзани со Скопје. Во текот на мојот престој добив силна инспирација за пишување, што се одразува во две новонапишани песни, кои се инспирирани од бројните убави случувања во Скопје. Учеството во Резиденцијата ме научи дека треба да се верува во себе и во својата работа, ми даде самодоверба и енергија за понатамошна работа и ми отвори нова врата за соработка меѓу Словенија и Македонија. Во иднина, би сакала да ја продолжам соработката, да ги преведам и останатите млади книжевни уметници од Македонија и да им овозможам на словенечките читатели да се запознаваат со македонската книжевна и културна сцена.