Помеѓу песните на Кочо Рацин, напишани на македонски, но кои не влегле во „Бели мугри“, има една која носи наслов „До еден работник”. Објавена е 1936 година во загрепското списание „Књижевник”. Нејзината последна строфа (денес по малку наивна во својата директност, но тогаш сосема во духот на борбениот експресионизам од лева провениенција) гласи:
О, братко! Плукни на таков живот!
Со браќата твои, со маката ваша,
сонете го овој свет
и нов направете –
братски!
Александар Спасов, нашиот најзначаен рацинолог, ја преобјавува оваа песна во книгата „Кочо Рацин – Стихови и проза“ (1954) со исправени печатни грешки. Во белешките на крајот од книгата, Спасов го прогласува за „најважна печатна грешка“ стихот „сонете го овој свет“ и го поправа во „сронете го овој свет“. „Сонете“ наспроти „сронете“! Две можни читања, но и два спротивни поетски става. Дали „објективниот случај“, толку драг на надреалистите, интервенирал, преку раката на графичкиот работник кој ги редел оловните букви, и ги измешал во тој миг толку жестоко противставените сфаќања? Да се руши еден свет, со насилен револуционерен гест, или да се сони еден друг, подобар? Акција или сон?
Од книгата на Влада Урошевиќ „Viola arsenica; белешки за поезијата (1959 – 2019)“, која Готен ќе ја објави во првата половина на 2021 година.