Новости

Две авторски вечери со Теофил Панчиќ во Скопје и Битола

Во рамките на резиденцијалната програма за книжевници под мотото „Апсолутно модерен“, во организација на издавачката куќа Готен, а под покровителство на Европската мрежа за книжевност и книги Традуки во март во Скопје престојуваше Теофил Панчиќ, култен колумнист и критичар на белградскиот неделник Време и коментатор на радиото Слободна Европа, како и на редица други медиуми во регионот. Во текот на престојот со Теофил Панчиќ се одржаа две авторски вечери, во Скопје и Битола. Авторската вечер во Скопје се одржа во просториите на ЕУ Инфо центарот, под наслов „Ангажманот помеѓу Балканот и ЕУ“,во четврток на 19 Март, со Роберт Алаѓозовски како домаќин на авторската вечер, кој го претстави авторскиот опус на Теофил Панчиќ и го модерираше разговорот со присутните. Акцентот беше ставен на неговите последни две книги, збирката есеи за Хрватското радио, „Гостин од галаксијата“ и дневничката проза „39 дена на јуни“, напишана по неговиот резиденцијален престој во Сплит во јуни 2014 година. Од престојот на Панчиќ на резиденцијата во Сплит, настана книгата „39 денови на јуни“ во кои авторот преку еден вид дневничка проза ги напиша своите впечатоци од краткиот престој во овој град, но и претстави своевидна хроника на југословенските и постјугословенските настани, сеќавања, пријателства, споредби и согледби на низа појави кои се кријат врз секојдневните ефемерности. Панчиќ во книгата покажува дека краткоста на времето не е проблем за да се долови менталитетот на еден простор. Авторот тематизира длабоки интимни прашања но паралелно ги регистрира и се фаќа во борба со сите невралгични точки на современото општество, од беснеењето на национализмот до освојување на граѓанските слободи. Книгата излезе и во Хрватска и во Србија и предизвика интерес во јавноста, носејќи и различно име „39 денови во јуни“ односно „39 денови во липањ“.

20150319_191717

Освен увидот во неговиот интелектуален ангажман, фокусиран главно на земјите од регионот, дискусијата се разви и од аспект на европските перспективи на балканските земји, а Теофил Панчиќ беше предизвикан да се осврне, во клучот на неговиот добро познат стил, и на македонските работи, споделувајќи ги своите импресии од резиденцијалниот престој во Скопје.

Теофил Панчиќ за објектите од „Скопје 2014“ рече дека се толку чудовишни што додека не ги видите со свои очи, не можете да верувате дека може да постои нешто такво.

-Не бев подготвен за оној Прометеј кој бил прво без гаќи, а потоа со гаќи. Не бев подготвен на оној Александар кој не е Александар, на неговиот коњ Букефал, кој не е Букефал. Тоа за мене е тематски парк. Јас не живеам тука, но гледам дека луѓето овде ги доживуваат како сопствена срамота. Иако тие не одлучиле да се прават такви грдотии – се срамат наместо тие што ги направиле. Се срамат што центарот на нивниот град служи за потсмев. Ова е бизарен показател на една грандоманија која би ја нарекле националистичка, но и тоа е сомнително, рече Панчиќ.

20150320_194054

За него е непоимливо како е можно некој „генијалец“ да смислил дека треба да се надоградат гипсени „барокни“ балкончиња на згради изградени во времето на социјализамот во центарот на Скопје, кој, што рече, сосема солидно можат да изгледаат.

– Па тоа и во некоја хумористична серија да го ставите, ќе речеа дека е претерано. Слушам дека и трговскиот центар требало да добие барокна фасада, па што има врска барокот со нешто како што е трговски центар кој е цивилизациски изум на XX век. Се работи за некоја длабоко примитивна перверзија која ве остава без здив.

Во Битола, во петокот, на 20 март, во полната мала сала на Центарот за култура во Битола, Теофил Панчиќ ја модерираше специјалната програма на здружението Контра кадар, разговарајќи за парадоксите на носталгијата, по проекцијата на филмот, „Збогум Ленин“.

Теофил Панчиќ е роден токму во Скопје во 1965 година, но најголемиот дел од животот го минува во Загреб, а потоа и во Белград и Нови Сад, како новинар, критичар и писател.

Автор е на дваесетина книги есеи, колумни, книжевни критики и други жанрови од кои најпознати се Урбани бушмани, Животот и смртта во српскиот посткомунизам (трилогија), Карма кома, Пепел без бавча. Нема списание на бившите југословенски простори за кое не пишувал: Ферал Трибјун, Глобус, Јутарњи лист, Монитор, Република и други. Бил член на неколку жири комисии за доделување награди, а и самиот е добитник на наградите „Југ Гризељ“, „Душан Богавац“ и „Витез позива“.



Остави Коментар