Издавачката куќа „Готен“ е македонскиот партнер во проектот „Превод во движење“ (Translation in Motion), кој поставувајќи акцент на работата на книжевни преведувачи, ја потенцира нивната улога во доближувањето на различните култури, во градењето дијалог меѓу нациите и создавањето можности за соработка и разбирање.
По повод 30 септември, Меѓународниот ден на преводот, го пренесуваме текстот „Двојни значења“ на Влада Урошевиќ, во кој тој зборува за некои тешкотии поврзани со преведување на поезијата.
Секој збор носи во себе повеќе значења; понекогаш – цел грст. Поетот, во многу случаи, смета не само на едното од нив; оттаму тешкотијата на преведувањето поезија. Во секој јазик таа „ружа на ветрови“ скриена во зборот зрачи во разни правци, нѐ носи кон други области, укажува на различни можности од насочување на асоцијациите.
Играта со две – понекогаш мошне различни значења – е омилена игра на поетите. Како тоа да се преведе на друг јазик, каде што адекватот на зборот употребен во оригиналот не ја содржи таа двојност?
Во една песна на Пастернак, чиј наслов е „Доближување на луњата“ („Приближение грозы“) последниот катрен гласи:
А завтра я, нырнув в росу,
Ногой наткнусь на шар гранаты
И повесть в комнату внесу,
Как в оружейную палату.
Поетот игра на двојното значење на зборот „граната“: како и во францускиот, италијанскиот, шпанскиот, германскиот, така и во рускиот тој значи и калинка, но и артилериски проектил – граната. (Се разбира, првото значење е постаро; поновото, воено, е создадено по аналогија со обликот на плодот!) Во македонскиот, калинка е само – калинка. Што да се прави?
Во мојот превод морав да прибегнам кон мало (до)објаснување:
А утре изутрина во градината, патем,
ќе видам калинка-ѓуле од трева како ѕирка
и дома, историјата, од прошетка вратен,
ќе ја внесам, како во музејска збирка.
Природата и историјата пак си ги менуваат местата: плодот што во себе го носи годишното време е концентриран збир на историското време. Кругот на годината ја поседува во себе симболична згуснатост на бескрајна низа од историски настани. Всушност – тој содржи во себе иста (ако не и поголема) вредност од еднолиниската низа на историската хронологија.
Во играта со значењата, скриена е, всушност, поетската филозофија доминантна во еден значаен дел од опусот на Пастернак. Калинката сфатена како плод е симбол на природното, а калинката сфатена како ѓуле – на историското време. Во оваа песна, тие се поистоветуваат; природното време, дури, како да добива извесна предност. Калинката-ѓуле се внесува, како еден супститут на историски трофеј, во домот, кој, пак, на тој начин, добива статус на музеј. И таа интеракција на симболичните поттексти постигната е тука на еден извонредно концизен, „економичен“ начин – само со употреба на еден збор во кој се поместени две значења, а со нив и целата низа асоцијации поврзани со спротивставеностите скриени во нив.
Влада Урошевиќ, „Viola arsenica; белешки за поезијата“, Готен, 2021.
Проектот „Превод во движење“ (Translation in motion) е финансиски поддржан од програмата „Креативна Европа“ [Creative Europe] на Европската Унија.