Бугарскиот писател Антон Баев, прв од новите шест автори кои ќе престојуваат во Скопје во 2017 година во рамките на книжевната резиденцијална програма за автори и преведувачи од Југоисточна Европа „Апсолутно модерен“.
Од 01 до 31 Мај во Скопје ќе престојува бугарскиот писател Антон Баев (1963г.) прв од новите шест автори за 2017 година во рамките на книжевната резиденцијална програма за автори и преведувачи од Југоисточна Европа. Тоа ќе биде шанса за македонската јавност подобро да се запознае со еден од најдобрите бугарски автори од средната генерација.
Антон Баев е роден во Пловдив во 1963 година. Во 1989 година станува магистер по Бугарска филологија при универзитетот во Пловдив, a во 1994 година специјализира новинарство на државниот универзитет во Ајова, САД. Во 2009 добива докторско звање на Институтот за литература при Бугарската академија на науки. Антон Баев низ својата кариера работел како библиотекар, колумнист, репортер, главен уредник и издавач. Во периодот 2000-2007 година бил главен уредник на весникот Марица – најголемиот регионален дневен весник во Бугарија. Во 2016 година бил еден од основачите на Пловдив ЛИК фондацијата (фондација за литература, уметност и култура), која е фокусирана на претставување на делата на најистакнатите современи бугарски автори на различни јазици.
Антон Баев е наградуван автор за бројни книги од различни жанрови: седум книги поезија, четири романи, две книги раскази, книга на философски фрагменти и две академски монографии (една од нив – за проблемите на бугарскиот романтизам и поезијата и драмата на Иван Пејчев, и втората – која го презентира психоаналитичкиот пристап кон литературата преку проучување на размислувања за суицидалниот синдром во делата на истакнатиот бугарски белетрист Павел Вежинов). Дел од наградите кои ги има освоено се наградата Развитие за романот „Светата крв“ и наградата OENEUMI – за најдобар циклус поезија на дваесеттиот меѓунаеоден фестивал на поезија Ditet e Naimit, Македонија. Неговата поетска збирка „Целиот свет и други апокрифи (2002)“ е дефиниран од критиката како прв комплетен обид за истражување на културниот и топографски центар на бугарската поезија во рамки на медитеранската култура. Во 2004 ја издава својата следна збирка поезија „Даровите на светот“. Тоа се нови Апокрифи каде развива експериментален пристап во драматизирање на митологијата и историјата, и така создава иновативен модерен поетски израз базиран на нив.
Својот престој во Скопје во рамки на книжевната резиденцијална програма Апсолутно модерен Баев ќе го искористи за истражување за својот најнов роман насловен „Светото зачнување (The Holy Conception)“. Се работи за втор дел од фикционален роман, чиј прв дел, „Светата крв“ издаден во 2016 година. Делото е дизајнирано како експериментален роман кој развива нови пристапи кон историјата. Дејството е историски лоцирано на територијата на Македонија и вклучува борби за незвисност од Црквата и за секуларно образование од средината на 19 век, како и неколку историски настани до дваесеттите годиини на XIX век. Целиот заплет е презентиран преку различни гледни точки и современи гласови на тој начин користејќи експериментален и иновативен наративен пристап.
Програмата е во организација на издавачката куќа Готен, а под покровителство на Европската мрежа за превод и книги Традуки.
Овогодинешните учесници се истакнати автори од регионот со богати резимеа, за чие гостување во македонскиот културен живот постои силен интерес кај читателската публика. Тоа се Наида Мујкиќ (Босна и Херцеговина) – поетеса и филмска критичарка, Антон Баев (Бугарија) – писател и колумнист; покренувач на неколку онлајн-весници и други иновативни книжевни содржини, Мухамед Баздуљ (Србија/Босна и Херцеговина) – писател и новинар истакнат по своите храбри политички ставови, Елифе Красники (Косово/Австрија) – писателка, феминистичка активистка и истражувачка од областа на општествените науки и Неџат
Ибрахимовиќ (Босна и Херцеговина) – писател, книжевен и филмски критичар, сценарист и автор на документарни филмови и Ренато Баретиќ (Хрватска) – писател и новинар, оосновач на култниот фестива Причигин од Сплит.
Секој од авторите ќе престојува во Скопје по еден месец во текот на оваа година запознавајќи се со книжевната, интелектуалната и културната сцена во Скопје продлабочувајчи ги своите контакти и развивајќи ја соработката со македонската книжевност и култура. Авторите во Скопје ќе работат на своите дела или преводи, ќе посетуваат културни настани, организации и институции, а преку јавни настани ќе и бидат претставени во Скопје и во други градови од земјата.