Циклусот на книжевни резиденции за 2024 во Скопје во организација на издавачката куќа „Готен“, поддржана од европската мрежа за превод и книги „Традуки“, заврши со престојот на српската писателка Маријана Чанак во текот на месец септември.
Маријана Чанак (1982, Суботица, Југославија) е прозна авторка со пет книги зад себе: Свето тројство (роман, 2024), Пат од црвени цигли (раскази, 2023), Клара, Клариса (роман, 2022), Прамајки (раскази, 2019 проширено издание 2023), Улични продавачи на улици, (кратка проза, 2002). Дипломирала на Универзитетот во Нови Сад, Филозофски факултет, Катедра за српска литература и јазик (2007). Запишала Родови студии на Центарот за интердисциплинарни постдипломски студии на Универзитетот во Нови Сад. Двапати е добитник на престижната награда Лаза К. Лазаревиќ за најдобар нов расказ во Србија. Нејзиниот роман Клара, Клариса беше избран за финалист на наградата НИН како и за наградата Златен сончоглед. Нејзините раскази се преведени на германски, англиски, албански и македонски јазик.
За време на престојот во Скопје Маријана Чанак, продолжи со процесот на пишување на нејзиниот нов роман, за унгарскиот концентрационен логор Сарвар. Вовед во нејзината резиденција беше учеството на фестивалот Друга приказна (фотографиите во прилог се од фотографите на фестивалот Небојша Гелевски и Наташа Гелева).
Таа ги проследи литературните фестивали Про-за Балкан и АртАреа, а доби можност да ги посети Друштвото на македонските писатели и Институтот за македонска литература. Нејзиниот престој и овозможи да направи повторно запознавање со македонската книжевна сцена, по годините на нејзиното студирање во Нови Сад, кога како изборен предмет ја имала македонска книжевност, што повлекуваше изучување на македонската книжевна историја.
- „Имав среќа да бидам во Скопје во текот на септември, кога културната сцена е исклучително динамична и жива. Имам впечаток дека за еден месец од мојот престој во Скопје запознав повеќе луѓе од областа на културата и уметноста отколку за десет години живот во Нови Сад. Мило ми е што имав можност да запознам многу современи македонски автори и да откријам наслови кои ги нема во Србија. Мојата читачка рутина долго време бараше вакво освежување. Во исто време, доживеав фасцинација со македонскиот јазик, посебно со неговиот ритам. Сега сум љубопитна да истражам какво влијание може да има изложеноста на тој ритам врз мојот литературен јазик. Посебно сум мотивирана да ги читам авторите што ги запознав во оригинал, а тоа е мојот план за читање по враќањето дома.“, кажа Маријана Чанак за своите импресии од престојот во Скопје.
Маријана Чанак, беше петтата писателка која престојуваше во Скопје на циклусот книжевни резиденции за 2024 во организација на издавачката куќа „Готен“, поддржана од европската мрежа за превод и книги „Традуки“. Пред неа гости беа хрватските писатели Дора Шустиќ и Маринко Кошчец, црногрскиот прозаист Никола Николиќ, како и швајцарскиот автор Сунил Ман.