Новости

Писателот Никола Николиќ е на резиденцијален престој во Скопје

Црногорскиот писател Никола Николиќ е на резиденцијален престој во Скопје, поддржан од Европската мрежа за превод и книги „Традуки“, во партнерство со издавачката куќа Готен.

Во рамки на резиденцијалната програма за книжевници под мотото „Апсолутно модерен“, писателот Никола Николиќ, во текот на месец мај престојува во Скопје со цел подобро да се запознае со книжевноста, интелектуалната и културната сцена и да оствари продлабочени и трајни контакти, кои во перспектива ќе бидат основа за зацврстување на врските со македонската книжевност и култура.

Николиќ во Скопје посетува културни настани, организации и институции.

Првото дружење со македонската публика го оствари во рамки на новиот Фестивал за литература и општа култура Видик, кога беше промовирана неговата зборка разкази „Атакама“, во издание на издавачката куќа „Арс Ламина“.

Книгата „Атакама“ од црногорски на македонски јазик ја преведе Дејан Василевски.

Ова дело на Николиќ содржи 15 раскази, длабоко нурнати во современите појави и проблеми на нашето време. Тој ги осветлува темнините за кои обично се молчи, и тоа еден директен и крајно отворен начин. Иако се вика „Атакама“, како чилеанската пустина, збирката бескомромисно го опфаќа црногорското милје, метафорично потпирајќи се на пустините сушите во сите нас.

Николиќ (1989) на синоќешната промоција истакна дека поезијата е најсовршена форма на изразување, но тој преферира да пишува кратки и долги прозни дела.

Тој досега има објавено три романи; „Јазол“, „Меандра“ и „Сирени за тревога“.

Покрај „Атакама“, ја има објавено и збирката раскази „Исечете ги високите дрвја“, а коавтор е на книгата со наслов „2020“ (дневнички записи за време на ковид кризата) со уште петмина автори од поранешните југословенски републики, објавена во Загреб, Белград и Скопје.

Николиќ е добитник на наградата „Бихорска Венера“ за краток расказ. Неговите раскази се преведувани на албански, англиски, италијански, германски и македонски јазик.



Остави Коментар