Преведувачката од македонски на унгарски јазик, Анамарија Цинеге Панзова, во август престојува на преведувачка резиденција во Скопје. Резиденцијата се реализира во рамки на меѓународниот проект „Превод во движење“ (Translation in Motion), чиј македонски партнер е издавачката куќа „Готен“. Партнерски организации на „Готен“ во овој проект се организации од Франција, Црна Гора, Бугарија, Шведска, Албанија, Летонија и Србија. Проектот е поддржан од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.
Цели на резиденцијата
За време на својот престој, Анамарија Цинеге Панзова ќе работи на преводот на унгарски јазик на „Антологијата на македонската книжевност“ објавена од Институтот за македонска литература. Антологијата опфаќа избор на најзначајните книжевни дела од IX до XXI век. Составена е од осум тематски целини: македонска средновековна книжевност, македонски народни умотворби, антологија на македонската книжевност во XIX век, македонската литература во првата половина на XX век, современа поезија, македонскиот современ роман, македонскиот современ расказ и македонската драма.
Биографија
Анамарија Цинеге Панзова е родена 1976 година во Унгарија. Завршила унгарски јазик и литература на Факултетот за општествени науки во Будимпешта. Од македонски на унгарски јазик превела дела од Гоце Смилевски, Лидија Димковска, Венко Андоновски и Ненад Јолдески.