Новости

(Видео) Јанис Јоневс: Ги соблековме ученичките униформи, но сега сфативме дека сме облекле уште потесни

Ги соблековме ученичките униформи, но сега сфативме дека сме облекле уште потесни, рече Јанис Јоневс на промоцијата во Скопје на култниот роман „Јелгава ’94“, кој пишува за историјата на летонскиот метал од средината на 90-тите години.

По објавувањето книгата станала национален бестселер, ги добила наградите за дебитант на годината во Летонија и Европската награда за литература за 2014 година.

Јанис Јоневс:  Можеби првиот мотив за пишување на оваа книга, еден од мотивите, беше тоа што читав една рок енциклопедија за Летонија напишана од еден многу познат рок новинар од Летонија и беше многу интересно тоа што немаше речиси ништо за металот. Ми стана жал за металот зашто освен во Скандинавија, тој како да е игнориран, како да не постои. Имаме филмови и книги за панкот и за хипи движењето, но металот како да се наоѓа надвор, нешто за кое не може да се зборува. Сакав да го сменам тоа и сакав да ја напишам оваа книга, приказната за летонскиот метал, но ми се лизна низ прстите… на крајот испадна книга за еден невротичен тинејџер. Општо, тоа е книга за тоа како е да се биде млад и како се станува возрасен. Сакав да се потсетам себеси и другите како беше тоа кога бевме млади. Да се потсетам на ветувањата што ги дадовме и што ги прекршивме. И за тоа како сè изгледаше толку интензивно. Станува збор за иронична книга зашто сега кога се сеќавам на овие значајни, исклучително значајни настани, сè изгледа мало. Сакав да не го заборавам ова чувство кое можеби беше најдоброто нешто во мојот живот и беше најдоброто време во мојот живот. Пишувањето за металот допира некои универзални аспекти… Денес тинејџерите ми кажуваат дека ги имаат истите приказни за групи како „Клофингер“ и „Тул“, а јас велам – како е тоа можно? Тоа беа групи што ние ги мразевме. А тие велат дека ги имаат истите приказни… Мислам дека тоа е еден од аспектите на станувањето возрасен – губење на твоето чувство дека си уникатен. Во тоа време мислевме дека нема други луѓе како нас, „дека никој никогаш нема да ме разбере“. Сега изгледа дека многу луѓе го имале истото искуство. Тоа се чини парадоксално.

Готен: Во едно интервју, Вашиот издавач изјавува дека ова е првиот летонски роман што го покажува периодот меѓу крајот на Советскиот Сојуз и доаѓањето на новата Европа на реалистичен и убедлив начин. Според Вашето мислење, на кој начин Вашиот роман ја зграпчува реалноста на Летонија од средината на деведесеттите години?

Јанис Јоневс: Тоа не беше првиот и единствениот роман. Малку задоцнив. Кога книгата веќе беше во процес на печатење, некои други книги излегоа малку пред мојата. Претпоставувам дека тоа беше времето на нашата генерација кога конечно седнавме да пишуваме… Во врска со мојот пристап, претпоставувам дека тоа е пристап од некоја маргинална позиција, од периферијата. Тоа не е како опишување на централни настани. Секогаш е малку далеку од големата сцена. Насловот на книгата „Јелгава“. Јелгава е градот во кој се случува поголемиот дел од дејствието. Долго време се сметаше дека тоа е најгрдиот град во Летонија познат по тоа што во него има два затвори и психијатриска болница. Кога ќе кажевте дека сте од Јелгава тоа веќе значеше нешто смешно. Кога имав десет години бев толку несреќен во врска со тоа, дека мојата лоша судбина направила да се родам во овој здодевен и грд град. Кога бев тинејџер и кога почна целиот тој бунт против системот и против сè, сфатив дека тоа е најдоброто место што можеш да го замислиш… Работниот наслов на книгата беше „Најдобрата судбина е црната“. Тоа беше еден вид наше мото. Одбивање на сè што е фино. Тоа се случуваше од перспективата на андерграундот. Но, некако испадна дека со тоа се опишуваат и некои општи процеси.

Готен: Јанис, зошто овие млади луѓе не „останаа брутални“? Во што се претвори нивната бруталност? Дали сè уште ги слушаш групите спомнати во книгата или тие се само дел од твоето минато, од твоето созревање?

Јанис Јоневс: Не сум толку брутален како што порано бев. „Остани брутален“ беше нашето мото. Да не паднеш во искушението да бидеш цивилизиран, да живееш некој вид среќен живот. Но, да, паднавме на тоа искушение и тоа е еден од мотивите на книгата. Претпоставувам дека длабоко во себе останавме исти. Во нашиот буржоаски животен стил суштината на тоа што сме ние останува иста. Ова на некој начин е парадоксално, но така е. Понекогаш ја слушам оваа музика и одам на концерти, но претпоставувам дека малку се предозирав од музиката во тоа време и тоа беше премногу. Ако на судниот ден морам да одговорам дали сè уште сум металец, ќе кажам „да“, но животниот стил се смени и можам да кажам дека станува збор за книга на предавник кој препознава дека е предавник. Но, сепак тоа беше најдоброто време. Од друга страна, можам да кажам дека оваа книга е некој вид компензација. Зашто толку многу сакав да свирам гитара во металска група, но никогаш не успеав во тоа. Така, оваа книга е компензација, таа е мојот придонес за историјата на летонскиот метал.

Готен: Уште едно прашање поврзано со ова. Романот „Јелгава ’94“ претставува приказ на една специфична супкултура од 90-тите години на минатиот век – културата на металот во неговите екстремни облици. Станува збор за млади луѓе кои се обидуваат да бидат надвор од мејнстримот. Но, и тие ги имаат истите проблеми, прашања, дилеми како и поголемиот број од нивните врсници, само обоени со вкусот на музиката која е помалку комерцијална и потешка за слушање. Нив ги одредува посебната нивната различност од околината, нивното аутсајдерство, нивната неприфатеност. Но, дали тоа што тие се одредиле да слушаат одредена музика која подразбира и одреден стил, мода, имиџ, истовремено не е влегување во еден калап. Општествен и животен калап. Еден од многуте калапи што можат да се изберат за да ја понудат удобноста да се биде дел од одредена група, заедница?

Јанис Јоневс: Тоа е големо прашање. Дали ние навистина можеме да го избегнеме животот? Можеби не можеме. Ова избегнување на правилата… ние бегавме од правилата наметнати од родителите, училиштето, од целиот систем. Ја отфрлавме униформата. Во еден момент сфатив дека сме влегле во друга униформа. Дури и многу потесна. Со многу построги правила. Во еден момент решив да заминам од сето тоа. А немаше враќање назад зашто почнав да ја губам косата. Да. Сега може да се размислува за тоа дали навистина беше обид да се избега од нормалноста или беше обид да се избега од осаменоста и барање некој идентитет и група на која ќе припаѓаш.



Остави Коментар