Новости

(Видео) Летонската литература станува сè повидлива, вели Инге Жолуде во интервју за Готен

„Ако ја редуцираме литературата, целата литература зборува за неколку основни теми. А тоа би биле: живот, смрт, љубов, религија… Во таа смисла, на некој начин целата литература се занимава со прашањето на смртта. Но, концептот на оваа збирка раскази беше да зборува за темата смрт. Многу од овие раскази, на некој начин, се автобиографски и многу од нив се за луѓе кои сум ги знаела, кои се мои роднини и починале“, вели во интервју за „Готен паблишинг“, Инге Жолуде, која во Скопје ја промовираше својата книга „Утехата за Адамовото дрво“.

Готен: Едно од првите нешта што секогаш се истакнува за Вашата книга „Утехата за Адамовото дрво“ е Вашата способност да ги укинете сите разлики меѓу реалноста и фикцијата, познатото и непознатото, националното и космополитското. Понекогаш е невозможно да се одреди местото и времето на случување на овие раскази, кои се занимаваат со таканаречените „големи теми на човековото срце“. Некои од расказите имаат силен локален печат, но истовремено се занимаваат со теми кои силно ја одредуваат „атмосферата на Европа од 21 век“. Во интервјуто по повод добивањето на наградата на Европската Унија за литература, зборувате дека летонската литература често има локален аспект, некоја карактеристика која често не е поврзана само со темата со која се занимава, туку дека има некоја карактеристика на летонската литература како таква. Од друга страна, за Вас се вели дека со Вашиот прв роман директно ги прекинувате врските со контекстот на летонската литература, затоа што Ви требал поширок контекст. Дали можете да ни кажете нешто повеќе за овие релации во Вашето творештво?

Инге Жолуде: Што се однесува до мојот прв роман, мислам дека намерно барав нешта кои се надвор од летонскиот контекст, зашто јас доаѓам од генерацијата која на некој начин се наоѓа на граница. Родена сум во советското време, но одев на училиште и пораснав во пост-советското време. И веќе не се идентификувам со советските вредности. Мислам дека мојата генерација на некој начин беше трауматизирана од тоа и сакавме да се идентификуваме со помодерни, европски вредности. Затоа тоа го барав надвор, надвор од границите на мојата земја, која е мала, има само два милиони жители.

Готен: Во едно интервју велите нешто мошне интригантно: „Сите мои раскази, се раскази за смртта, зашто таму од каде што јас доаѓам сè уште е многу тешко да се зборува за смртта – ние не разговараме за тоа ниту во кругот на нашето семејство“. Дали тоа значи дека често чинот на пишување го доживувате како еден вид справување со опсесиите за кои најчесто се молчи? Претворање на она што не сака да се каже и соопшти во текст, во приказна, и на тој начин креирање нова смисла за неискажливото?

Инге Жолуде: Ако ја редуцираме литературата, целата литература зборува за неколку основни теми. А тоа би биле: живот, смрт, љубов, религија… Во таа смисла, на некој начин целата литература се занимава со прашањето на смртта. Но, концептот на оваа збирка раскази беше да зборува за темата смрт. Многу од овие раскази, на некој начин, се автобиографски и многу од нив се за луѓе кои сум ги знаела, кои се мои роднини и починале. Навистина е многу тешко во летонската култура да се зборува за смртта. Ние не го правиме тоа, тоа е некој вид табу-тема. Чувствував дека на некој начин сакам да зборувам за тоа и сфатив дека не можам да зборувам за тоа со моето семејство, зашто не само моето семејство, туку и нашата култура не е отворена кон ова прашање. Сметав дека како писател можам да ги обработувам овие прашања во мојата литература. И тоа функционираше многу добро, а дури не ни можев да замислам дека ќе функционира така. Но, откако книгата беше објавена, некои од моите роднини почнуваа да ми се јавуваат. Некои од нив плачеа. Рекоа дека тукушто го прочитале расказот за личноста која сме ја знаеле. Зборувавме по телефон и ги споделувавме нашите сеќавања. Потоа помислив дека е можно да се зборува за ова, само што никој нема храброст да го почне овој разговор.

Готен: Доаѓате од Летонија, земја која има околу два милиони жители, значи слично како Македонија. Од ваквите мали држави е релативно тешко одредени книжевни гласови да добијат гласност во поголемите книжевни средини. Како справувате со ова прашање? Дали можеби, сепак, сте почувствувале некогаш некаква предност што доаѓате од релативно мала книжевна средина? Каква е видливоста на литературата во Летонија во Летонија, а каква надвор од нејзините граници?

Инге Жолуде: Мислам дека сега во последно време Летонија станува повеќе видлива. Делумно тоа е и благодарение на овогодишниот саем на книга во Лондон, во кој Летонија заедно со Литванија и Естонија, како три балтички држави, имаа статус на земји-гости. Многу дела од летонската книжевност беа преведени на англиски јазик и така почнаа да го привлекуваат вниманието кон летонската литература или, воопшто, кон литературата на балтичките земји. Досега беше тешко, зашто ние се наоѓаме на границата, некаде помеѓу. Целата наша култура или идентитет веројатно не се толку егзотични како далечниот север, Исланд на пример. Летонија е некаде тука во Европа, но всушност никој не знае што таа е. Мислам дека луѓето сè уште очекуваат од летонската култура да обезбедува приказни за советското и пост-светското време. Да се пишува за ова искуство. Можете да почувствувате дека ова е еден вид барање од надвор. Мислам дека летонската литература е многу разновидна и интересно е да се следи нејзиниот развој сега, особено кога постои поголема културна размена. Досега, летонската литература не беше толку многу преведувана, па на некој начин беше херметична. Но, сега, кога делата се преведуваат, се случува поголема размена и тоа влијае на летонската литература. Не би рекла дека е тешко, туку дека е мошне интересно да се биде дел од летонската литература.

Разговорот со Инге Жолуде го водеше Владмир Јанковски



Остави Коментар