Настани

Промоција на романот „Клада“ од Ѓерѓ Драгоман

pokana

Промоцијата на романот „Клада“ од Ѓерѓ Драгоман се одржа  на 12 септември, со почеток во 20.30 часот, во просториите на „Кино Култура“. Промотор на изданието беше Ермис Лафазановски.

„Клада“ е третиот роман на унгарскиот писател од поновата генерација Ѓерѓ Драгоман. Романот претставува возбудлива комбинација од роман за растењето и созревањето, историски роман и книга напишана во традицијата на магичниот реализам. Станува збор за напната приказна поставена врз фонот на револуционерните случувања при падот на комунизмот во источна Европа. Главниот лик е Ема, девојче спасено од дом за сираци од нејзината необична баба, која никогаш претходно не ја сретнала. Раскажан од перспектива на девојчето кое постепено станува девојка, „Клада“ изобилува со сцени кои како да се извадени од сон, се спротивставени на сцените од грубата реалност на едно гратче од источна Европа.

Ѓерѓ Драгоман (1973) е унгарски писател и преведувач. Роден е во Тиргу Муреш, Романија. Во 1988 година со семејството се преселува во Унгарија. Добитник е на бројни книжевни награди, меѓу кои наградата Шандор Броди.

Преводот од унгарски јазик го направи Златко Панзов.

Преводот и промоцијата на книгата се поддржани од програмата Креативна Европа на Европската Унија.

Автор на фотографиите од промоцијата е Сашо Алушевски.



Остави Коментар